Dalriada - Arany-Album
Уфффф… Не знам што да правам со албумов. Морам да признаам дека не сум фан на Dalriada ниту ги имам преслушано. Знам за бендов преку мајспејс и им имам чуено само неколку песнички кои ги прикачиле таму. Не ми делуваа интересно.
Бидејќи немам друга работа и бидејќи поради некоја причина одбегнувам да го преслушам новиот на Аркона, седнав да го чујам албумов. 170 х 10 на шеста х 8 битови подоцна, стана 4 саат сабајле и конечно го имав пред мене Dalriada – Arany-Album.
Албумот почнува со песната Zách Klára. И морам да кажам дека почнува интересно. Океј, првиот риф смрди. Но, понатаму песната добива некоја полка димензија и присетува на бендови како Korpiklaani и Finntroll, но истовремено има и руски шмек.
Сепак, по сјајното отворање и како и на многу други фолк албуми, почнуваат заебанции. Како што поминува времето, песните стануваат сé послични и послични и запаѓаат во тежок медиокритет. Но, да не претерувам, низ албумот постојат голем број сјајни делови. Проблемот е што тие сјајни делови паѓаат под сенка од огромните количини на делови кои рангираат од едвај-добри до чист просек. И многу, многу лигави моменти. Освен тоа, некој преголем ужас не можам да истакнам.
Вокалната изведба е мешана машка и женска. Граулови има многу малку, другото е само чисто пеење. Морам да ја пофалам пејачката за нејзината изведба, иако гласот ú е помалку чуден. Сепак, не ми оди на нерви, нешто што само мал број метал шејачки го постигнуваат. А, типот кој пее… Епа, најголем дел од лигавите моменти се баш поради него и неговото поп гласче. Сепак, кога би бил јас одговорен, навистина не знам што би сменил со вокалната изведба. Да, често оди на нерви, но некако… одговара. Да користеа големи количини на некакви “harsh” вокали ќе звучеше полошо. Остатокот од музичката изведба е генерално добар. Dalriada се технички доста добри. Како што спомнав, имаат и многу одлични моменти.
Ми се допаѓа што на Arany-Album можат да се чујат секакви работи. Одредени моменти потсеќаат на многу други бендови – меѓу другото, постојат делови кои одат накај Ensiferum, Alestorm, Korpiklaani, Аркона, Pagan Reign, иако постојано преовладува источно-европски шмек. На делови ќе чуете ромска музика, па дури и 7/8 ориентални делови. Сепак, ми делува еден недостаток на изворни елементи кој е вообичаен кај овој тип на музика. Единствено може да се чуе народната виолина и по некоја флејтичка. Кога би додале плус некој иструмент би можеле да постигнат многу повеќе нивоа на композиција. Сум чул дека во унгарскиот фолклор позната комбинација е гајда и лира. Бидејќи Dalriada се единствените унгарски преставници на фолк металот кои ги знам, би сакал да чујам нешто такво од нивна страна.
Не знам како најдобро да го сумирам Arany-Album. Од една страна е интересен, од друга е медиокритетен и лигав. Трудот е очигледен, но не се постигнува тоа што би требало. Ќе дадам 5. Од типот на петката кога немаш доволно поени за шестка, па го молиш професорот да ти додаде неколку екстра поенчиња. А, тој најочигледно или нема да ти даде или ќе те натера да му направиш семинарска.

