Isis - Wavering Radiant

28 Септември, 2009 | постирано од Sazdo | 423 пати прочитано

Арон Тарнер, гитаристот-фронтмен на Isis, основач на суперкул-лејблот Hydra Head и чудачки талентиран дизајнер на албумски кавери, некаде прочитав дека изјавил нешто во стилот: Wavering Radiant е издание со кое бендот најмногу се доближува до поп-изразот. Нетипичен избор на зборови за дефиниција на петтото студиско цеде на составот од Бостон (сега релоциран во Лос Анџелес), ако се знае дека материјалот содржи песни со просечна должина од седум минути и не се ни обидува да се замара со работи од типот на почитување на музичката структура или рефрени со непримерно заразен тоналитет. Доколку, пак, Тарнер со таа реченица сакал да го опише чистиот, стегнат, можеби и малку исполиран звук на плочата, тогаш, точно, Wavering Radiant има поп-карактеристики.

Секако, заклучоков има баеги релативно значење, ако се има предвид другата, доминантна, страна што Тарнер “заборавил” да ја спомене во своето јавно изнесено тврдење. Тоа лице на поп-опачината е масивниот, моќен, тежок, гранитен, монолитен инструментален стил што и натаму ја движи колосалната саундмашина именувана според египетската божица на мајчинството и плодноста. Isis и на Wavering Radiant е метал-состав со постмодерни-нагони, односно го гледа хеви-жанрот низ призмата на долги композиции полни со повторувачки елементи, акорди и рифови што бавно одѕвонуваат наместо дисциплинирано да режат и да сечат, а тука се и клавијатурите што делуваат како перверзен госпел-шприц што вбризгува морбиден амбиент во неочекувани делови на песните.

Како и секогаш, длабочината на музиката на Isis најефективно може да се доживее на слушалки. Иако не е електронска или амбиентална, таа на речиси ист начин слика широки, урбани, пејсажи или постапокалиптични фотомоменти што се смрзнуваат во времето. Со оглед на средствата и времето што го имале на располагање за работа во студио (за разлика од многу други бендови, Isis макотрпно ја заработи сегашнава позиција), Wavering Radiant е мевлем за секој човек што сака во слободен стил да нурнува во албумите. Дури и кога рокаат, а супер е што тоа често го има на цедето, во целата монструозно мрсна риф-грдосија не се губи речиси ништо, т.е. се слуша буквално сè што бендот имал намера да го пренесе на слушателот – од бас до тивки недисторзирани ноти на гитара.

За разлика од претходникот, In the Absence of Truth, што дури и премногу се доближи до пост-рок-бреговите на Mogwai, Wavering Radiant е типично ајзисовски албум – слаџерски во тежината и егзекуцијата, а мелодичен во пакувањето. Интересно е што нема цела нумера што е “леплива” за уво на типичен поп-начин, ама има мал милион парчиња што се извонредно запаметливи (само запазете го спојот риф-вокал некаде околу петтата минута на Hand of the Host). Последниов аспект е таа поп-страна за која Тарнер изгледа зборува. Колку што има масивни сегменти, материјалот има и исто толку слушливи делчиња. Далеку од тоа дека песниве ќе се вртат на радио или ќе станат Билборд-хитови, но факт е дека дискот е нов позитивен исчекор во намерата на Isis да ја спои приемчивоста на епскиот израз со неговите неизбежни, бескомпромисни, скоро брутални, квалитети. Затоа Wavering Radiant во 2009 нема да се изгуби во прашумата од извонредни изданија што ќе ни создаваат проблем кога ќе дојде време за годишните листи. Со албуми како овој, тоа се ептен слатки маки.