Shadows Fall - Retribution

24 Септември, 2009 | постирано од Sazdo | 397 пати прочитано

Со спотови како за Still I Rise , првиот сингл од новиот албум Retribution, Shadows Fall сигурно ќе го поттикне сеирот кај дежурните мразачи на сè што има дебела дисторзија и вокален гнев во својата музичка формула. Саундтрак за кревање тегови и кршење глави, така мнозинството ќе ја перцепира најистурената свежа нумера на петорката од Спрингфилд, Масачусетс. За малцинството, пак, оваа песна, заедно со останатите од шестото издание на групата основана во 1995 година, е лакмус-хартија за прочистување од сите гнасотии што општеството вулгарно ни ги фрла в лице. Класика, нели, металци што вриштат оти се бесни. Можеби, но со Retribution бендот чисти чакри далеку подобро од која било молитва на Шри Чинмој. Попат, (пеколно) добро се забавува.

Shadows Fall се од генерацијата американски состави што хевиметалот го вкрстија со хардкорот и го приближија до пошироките маси. Семето на овој посебен музички вид, логично наречен металкор, на почетокот на 90-тите го посеаја бендови како Integrity, Earth Crisis и Merauder. Сепак, откако Killswitch Engage, Shadows Fall и Lamb of God, во формулата го вклучија и шведскиот мелодичен дет-метал, жанрот експлодира и сега е циркуска верзија на сопствениот ветувачки старт. Лекциите по историја се досадни, но во контекст на Retribution се исклучително битни. Самиот наслов – “одмазда или заслужена казна” – ја подвлекува силната желба на Shadows Fall да вбризга свеж коктел од гнев во изразот.

И тоа е позната приказна: бенд потпишува со голема етикета (Atlantic), објавува потпросечен албум (Threads of Life) и ненадејно добива порив за враќање на независните корени. Повеќето вакви случаи пропаѓаат спектакуларно, но Shadows Fall во Retribution има камбек како што секој посакува. Од сите припадници на металкор-инвазијата во САД, тие ја имаа најкласичната врска со треш и хевиметалот од средината на 80-тите. Затоа беа и привлечни нивните први неколку албуми. Динамиката и мелодиката на Anthrax и (до некаде) Metallica, Shadows Fall ја спои со шведските гитарски лидови и масивниот њујоршки нагон за создавање мош-питови. Новото цеде баеги убаво ја воскреснува таа формула преку одлично склопени и распоредени девет композиции и едно кусо интро.

Ако Threads of Life имаше комични пауер-балади и слаби авторски идеи, Retribution се држи до тоа што бендот најдобро го знае – инстинктивно да развалува на инструментите. Експерименти нема, веројатно составот ги остави зад себе, но во случајот на албумов, тоа е комплимент. Уште од стартот, Shadows Fall отскокна со приемчивоста на своите мелодии и со технички, речиси прог-рокерски, одлично потковани свирачи. Гимнастика на десет прсти, така може да се дефинира двојниот гитарски напад на Џонатан Донаи и Мет Бакард. Вокалот на фронтменот Брајан Фер тука звучи најзрело и извонредно се хармонизира со придружното мелодично пеење на лид и ритам-гитаристите.

Освен едноминутната инструментална и мирна увертира, на Retribution скоро и да нема сталожени моменти. Shadows Fall меле, реже и сече со жестина повеќе очекувана од дебитанти, а помалку од ветерани со 15-годишно искуство на сцената. Причината за тоа е очигледна: членовите се чувствуваат природно во старо-новото креативно опкружување. Леси е најсреќна кога се враќа дома (не беше еднаш де, нели имаше неколку филма), квинтетот од Спрингфилд прави најдобри албуми кога познатата територија ги опушта. Retribution не е најоригиналното цеде на Shadows Fall, но цврстината со која бендот го изведува веќе чуеното, е повредна од кое било лутање по секоја цена да се најде нова насока. Држењето до тоа за што најмногу те бива понекогаш дава поинспиративни резултати.