Timeless Gatherings

19 Септември, 2009 | постирано од Daftie | 579 пати прочитано

Единствениот официјален албум на Siniac, лидерите на македонската метал сцена(барем што се однесува до мене)! Не сум голем фан на блек, или симфоничен блек(патем, ова е предобро да се нарече блек метал), али од нашите бендови, а уште повеќе од нашите бендови кои се класифицираат како блек метал, Siniac се убедливо фараоните, врвот, од перспектива на техничка подготвеност, нешто што највеќе ценам, и се разбира, начинот на кој сето тоа е склопено во една совршена пансофија.

Пошто во главава ми е лом од (пофални) епитети за албумов, ќе тргнам полека, од почеток.

Breathing from the eternal red aeons – Тивок почеток каков што доликува, за басот да ја донесе експлозијата на пандемониумот – албумов. Баш тие, “тивките” делови понатаму се тоа што не ме паѓа од стол, али песната има и материјал за нивен контраст и компензација.

About other words – Овде ми иде да продолжам да зборам за некои посебно потенцирани рифови, беснички солажи, убиствени вокали и дефицит од бластови – кој доаѓа на место, али така ќе ја направам рецензијава по клише од палилогичниот речник, но нека е. Сепак, рифовите ја вадат.

Insane insanity – Од гитарскиот почеток во првата минута добивам вртоглавица(тоа би требало да е добро), за после да ме освести злобната смеа на Шведо пропратена со некој помалку злобен, стабилен риф. За понатамошниот дел ќе ја поштедам мојата омилена песна од било какво сквернавење во форма на зборови.

Timeless gatherings (…of the ravencoloured) – Овде посебно доаѓаат до израз клучните елементи кои ги спомнав на почетокот, техничката прогресија на музички план и начинот на нивно соединување и распоредување. Без понатаму да коментирам, токму овде и ми се разјаснува името на албумот.

Majestic voices of the mountain – Дупката во албумов и едно од малкуте влијанија за мојата оцена. Таман се дигнав од претходниве две песни, ми излегува некој мртов був што сака да биде врапче… ОК, ова беше лошо, али како и да е, не може секој бенд да отстапи од своите стандарди и тоа да испадне добро.

The sound through ages – Поголемиот дел од инструменталната позадина е стандарден, иако воопшто не е за потценување, освен клавијатурите околу средина на песната кои ме тераат да заиграм салса(?) или некој друг таков танц на кој не му го знам името… Ако ги занемариме тие клавијатури, кои и не се голем дел, ќе забележиме дека во ваква позадина доаѓаат до израз импресивните вокални вештини.

Wolves and dogs – Поблага мера на приказната за скоро просечната претходна песна, со поголем акцент во однос на вокалот. На одредени моменти, мислам дека за тие што го слушале албумов и нема потреба да потенцирам кои, го замислувам Павароти со долга коса, не како сквернавење на Siniac, туку како пофалбена компарација.

To me too – Пошто реценијава е строго субјективен израз, ќе кажам дека и To me too ја ставам во пакет со Insane insanity и Timeless Gatherings. Го обожавам моментот на забрзување меѓу средината и крајот на песнава, кој мене ко да ми навестува крај на албумот во форма на некоја филмска сцена на кулминативно воздигнување.

I blaze alone – Солиден финиш, за кој, природно, нема што да коментирам. Ова наверојатно ќе изгледа глупаво и можеби е премногу субјективен елемент за да се вметне во рецензија, но иако немам поим за што се работи во лириките, според самиот наслов и тоа што го слушам, се асоцирам на Ничевата филозофија за Надчовекот. Тотално мој филм.

Оцената е осмица главно поради неможноста да најдам лирики, а тематиката во еден албум или бенд ми е витална точка кога се работи за оценување, но и како што спомнав погоре, Majestic voices of the mountain прилично ми ја зафркна цела претстава за Siniac како бенд. Кога сум веќе кај Siniac како бенд, не ми е јасно како мнозинството ги занемаруваат покрај новиве(и некои од постарите) бендови. Иако се неактивни, на македонската сцена и пошироко нема ништо слично, па Timeless gatherings како нивен единствен албум е солидна слика за тоа колку Siniac се… НАЈДОБРИ!