Обид за почит и пофалба

09 Септември, 2009 | постирано од Brsjakot | 444 пати прочитано

По заминувањето на Јари (и неговиот епски викиншки нос) за да се сконцентрира на својот проект Wintersun и по Victory Songs, многу тврдокорни фанови на Ensiferum развија голема доза на скептицизам за следното издание на финскиот фолк метал состав. Епа еве нé, 2009, Јари го чекаме веќе 5 и кусур години за нов албум, а во меѓувреме изразот „кога Wintersun ќе го издадат Time“ стана синоним за „мало морген“ или најубаво речено, „кога врбата ќе роди грозје“. И додека Јари се заебава, Ensiferum работеле вредно за пред нас да стои From Afar, нивниот четврти албум.

Албумот е, глобално гледано, за пофалба. Почнува легендарно, со интро исткаено од прекрасни фолк мелоси (кои веќе станаа трејдмарк на бендот) за веднаш потоа да следува кичмокршачката From Afar, одлична комбинација на моќни рифови и епски мелодии која има за цел да ви рокне секира во глава, по што следната песна, Twilight Tavern, ја има задачата да го исцеди тепихот од вашата крв и да ве натера да си ја испиете.

From Afar зацепува повеќе од обично накај пауер металот, без притоа да ја компромизира употребата на класичната Ensiferum мелодија. Чистите вокали доаѓаат особено до израз на овој албум и се убава промена од криците на Петри кои знаат и да нервираат. За албумот својот глас го позајмува и клавијатуристката Еми Силвеноинен и нејзиниот вокал ú дава свеж шмек на епската хористичка изведба.

Има само неколку работи кои одат против албумот и поради кои тој не може да добие максимални поени.

Најголем проблем претставува песната Heathen Throne. Почнува во стил метнат на Amon Amarth за во следните 11 ебени минути да премине во најзаморната песна на албумот и комплетно да ве убие. Мораа да поминат уште две песни за да ми одмине желбата да се самоутепам. За среќа, последните неколку траки се способни да ја вратат епската атмосфера, иако ќе забележите дека The Longest Journey (13 минути долго патешествие, поточно) има три краја.

Освен Heathen Throne, постојат моменти низ албумот кои или се крадени од дебито на бендот или од „Добар, лош, грд“. За несреќа, по некое време и стандардната Ensiferum мелодија знае да стане клише за на момент да претвори одлична песна во помалку репетитивна.

Сепак, задоволен сум од албумот. Можеби не го достигнува мајсторството на првите два, но сепак е обид за почит и пофалба. Би дал една перфектна 7.5-ка, ама имам обичај да давам плус поенче за јаки типки во бендот, па нека имаат 8 (пола поен оти претходната беше појака :D )