Интервју со Сашко (Decadence)

05 Март, 2009 | постирано од Игор_Жо | 640 пати прочитано

BK: Здраво Сашко! Што е најново кај тебе и Decadence?

Сашко: Здраво Игор, што те интересира повеќе, Decadence или јас? :)

BK: И Двете! Со оглед на тоа дека последната свирка ви беше во Јануари 2008 и фактот дека моментално немате место за проби, дали Decadence е во некаква криза?

Сашко: Ако може да се нарече криза… Знаеш, малку по малку доаѓа период кога сваќаш дека има нешто поважно од свирките, а тоа е да го заокружиме целосно нашето долгоочекувано првенче, се надеваме дека конечно после многу перипетии ќе влеземе во студио за многу кратко време, сите главни подготовки се веќе направени итн. итн; а од друга страна Decadence секогаш бил генерално кампањски бенд, со оглед на фактот дека јас и Ивана сме Скопје а Стефи и Влатко Струга.

BK: Познато е колку е “лесно” да се издаде метал албум во Македонија, но сепак вие важите за еден од бендовите од кој најдолго време се очекува офијално (деби) издание. Ме интересира дали сметаш дека со албумот ќе се исплати тоа чекање?

Сашко: Можеби и затоа малце повеќе се одолговлекуваме со снимањето, секогаш се стремиме да направиме нешто најдобро што можат околностите да ни дозволат.Секако дека да.

BK: Би открил ли детаљи за албумот – каде ќе се снима, кога можеме да го очекуваме и со каква продукција и дизајн, наслов, број на песни и сл.?

Сашко: Последните преговори се кај Кречо,(снимањето на збратимените Scattered беше пресудно за одлуката), песни околу 8-9 а насловот најверојатно ќе остане ист како и на демото. Многу очекуваме од првенчето на Scattered а баш поради тоа и уште повеќе од нашето.

BK: Дали тоа значи дека ќе ги содржи и песните од демото, или некои од нив?

Сашко: At the begining е неизбежна, за другите можеби ама моментално не се во план.

BK: Слушајќи го вашето демо и поновите песни, очигледна е извесна брутализација и зацврстување на звукот во поновиот материјал. Кое обележје ќе доминира на првенчето – мелодичноста на стариот или ако смеам да ја наречам така агресијата на новиот пристап, или па некоја фузија меѓу двете?

Сашко: Секој расте и се развива, ако се земе во предвид дека тоа е материјал кој е создаван во различни периоди тогаш нормлано е да има разлики во пристапот на песните, ако се заслуша подобро точно може да се претпостави која кога е напишана. Во кратки црти, сето тоа е дел од нас, така да ќе има фузија.

BK: Знаејќи дека Decadence не е многу “зборлест” бенд, дали имате своја идеологија и порака, или оставате на слушателот сам од звучните слики да создаде конкретни зборови и мисли?

Сашко: Добро прашање, колку може инструментален бенд да пренесе конкретна порака и сите слушатели точно да знаат која е истата … Секоја песна си има своја приказна, приказна при создавањето, ама сепак останува на слушателот да се пронајде себе во интерпретацијата, емоции се во прашање.

BK: Кога би имале шанса одново да го снимате вашето демо At The Beginning, дали и кои работи би ги изменале (освен продукцијата)?

Сашко: Па ако се слушне последниот аудио запис од Оди Вежбај, ќе се пронајде одговорот хехе, aранжманите со тек на време се изменуваат – добивме на темпо, веројатно малку побрзо би ги свиреле.

BK: Веројатно најпоставуваното прашање кон вас – иако несомнено е дека одлично звучите како инструментален бенд, дали понекогаш се чувствувате како некомплетиран бенд, и дали би внесле вокалист во бендот ако се најде човек погоден за таа работа?

Сашко: Факт е дека секогаш сме барале соодветен вокалист, а сето останато е во меѓувреме – да не се стои, туку да се работи колку што се може и ете вака, малце по малце испадна она што е. Практично и песните се правени со пристап да се остави и простор за вокал, така да, дефинитивно за вокал – Да!

BK: И како би звучел тој ваш идеален вокал?

Сашко: Прог-хеви.

BK: Кратко и јасно. Инаку, важиш за еден од најголемите, ако не и најголем гитарски “идоли”, или “Богови” на македонските метал гитаристите во развојна фаза. Дали оваа титула со себе носи одреден притисок, и која е твојата порака кон сите овие гитаристи?

Сашко: Благодарам на пофалните зборови,притисок не, едноставно уживам во гитарата, има некои чувства кои не можат да се изразат со зборови, мене ми е душевна храна. Tака да, ако некој се препознава во ова, тогаш пораката би ми била, уживајте во процесот и practice makes perfection!

BK: Колку те допираат често слушаните коментари за стерилноста, машинизмот и бездушието на техничките владетели на гитарата?

Сашкo: Не многу, секој си има свој пристап, сите не можат да бидат ала Mr.Vai… Нормално е дека не е се во брзината и техниката, туку во музиката што ја правиш со нив, а и тоа е уште подлабока дискусија, кој има право да му каже на друг што за него може да биде убаво… Ама пак од друга страна многу ценам вложен труд, така да се е релативно, апсолутно.

BK: Ме интересира кои музичари кои не спаѓаат во метал областа ве инспирираа(т) во создавањето музика, ако ги има такви?

Сашко: Директна инспирација и корелација не знам дали можам да направам, но можам да кажам слободно дека им се восхитувам на неколку артисти и бендови што немаат допирна точка со метал, а тоа свесно или потсвесно секако дека инспирира и влијае. Такви примери се Avaton и D D Quatro.

BK: На метал јавноста веројатно и е познато дека од пред некое време си член и на Скопјаните Demency. Како дојде до оваа соработка, и што постигна/сними/издаде овој бенд откако си негов член?

Сашко: Па со Виктор сме многу блиски другари, му требаше уште една гитара во бендот и ете, предизвик ми беше да видам како би се снашол во таква ситуација. Работиме на материјал, засега има 5 целосни песни со новата постава, издадено ништо освен двете клипчиња што можат да се најдат на youtube. Здравје кога би се заокружила целина од 8-9 песни и со Demency ќе се снима (се надевам нема да биде толку долго како со Decadence).

BK: Имајќи на ум дека и вашиот басист Влатко веќе пола година е член на одличните ваши сограѓани Scattered, како се снаоѓате со учество во повеќе бендови, дали поради тоа се јавуваат конфликти или извесна љубомора во внатрешноста на бендовите?

Сашко: Не верувам, нема ништо лошо кога човек се изразува, работи, троши енергија, вложува во нешто во кое што верува, а верувам дека и другите го делат моето мислење. Нормално тоа треба да биде избалансирано и било кој бенд да не страда поради активноста со другиот бенд, ако е сето тоа добро поставено, тогаш не гледам никаков проблем.

BK: Како би го опишал звукот на Decadence, или па не ве интересираат многу жанровски поделби и етикети?

Сашко: Спејс прог хеви технички метал, со примеси на хепи хард кор! :) Се зезам, секоја етикета е само дополнителен опис. Ако морам, тогаш сме инструментален (моментално) прог метал, ама сепак не ми значи многу, тоа што ми значи е позитивниот feedback од публиката, кога глеам дека она кое што сме го твореле, она во кое што има парчиња од нас, буди емоции кај слушателите.

BK: Како е да се свири во бенд со женско, и дали некогаш сте налетале на одредени шовинистички коментари?

Сашко: Па едно е сигурно, Decadence ja имаат најдобрата гитаристка во МКД :) За да нема дополнителни компликации, Ивана поседува 25.17% од акциите во бендот. Не сум осетил некоја разлика поради тоа што имаме женско на гитара, не би менувал ништо во врска со тоа а и ниту имам информации дека на некој му смета тоа, мислам дека нејзиното свирење не остава простор за негативни коментари.

BK: Познато е дека вашата прва свирка беше на Рок Фест 2003, што за вас се покажа како одлична отскокна даска. Какви се твоите спомени и впечатоци од овој настан?

Сашко: Убави спомени ми се врзани со Рок Фест, концептот е таков каков што е, има работи кои што ќе ги паметам долго… Рок фест = Вулкан, чад и гужва, сегментирани лоби групи, ама сепак супер прилика да се презентираш себе, како за прв пат беше одлично и искрено изненаден бев од позитивните реакции. Има толку работи кои знам дека нема да ги доискажам , не можам да ги најдам правите зборови.

BK: А, кое е твоето општо мислење за натпреварувачките фестивали, и дали истите треба да бидат бојкотирани?

Сашко: Натпреварувачки фестивали имало и ќе има, ете баш тој рок фест вака-така или онака опстојува колку, 27-28 години, ако гледам како можност за излегување на сцена на млад бенд, тогаш зошто да не… Реално во ваква средина не знам каде и како поинаку, во краток период би имало можност да се слушнат повеке бендови на едно место. Како за прв настап и прелиминарен филтер, зошто да не, секој во таа концепција си влегува со свој интерес, бендот, да биде слушнат, организаторот да оствари профит.

BK: Oд каде идеата за името Decadence, и дали не ви пречат останатите бендови со исто име? (вклучувајќи го и Скопскиот дарк-вејв бенд од крајот на осумдесеттите)

Сашко: Па функциониравме како но нејм постава првото лето, веке и го снимавме демото а никако да се крстиме… Искрено кога го избравме името не ни знаевме за имењаците од Скопје, се собравме еден ден кај мене со цела книга на имиња, направивме иницијална селекција и гласавме (ептен демократија сме биле отсекогаш).

BK: Поради кои причини не настапивте на последните два Струшки фестивали (Дојди Веслај 2 и Оди Вежбај 3)?

Сашко: Па дојдовме до фаза кога целата енергија ја насочуваме на снимањето на албумот, моментално свирките се во втор ред, а и не би сакале да правиме репризи на добриот настап на Оди Вежбај 2, факт е дека нема некој нов материјал за презентирање а не би сакале да одземаме ист простор со ист материјал на ист фестивал два пати по ред.

BK: Патем, огромна подршка и почит за организирањето на овие фестивали. Колку се исплати организирањето на вакви настани, а и воопшто активното учество во андерграундот, и дали мислиш дека еден ден ќе ви изгуби смисла сето кревање и купување скапа опрема, сите тие проблеми со гаражи и плаќање кирии за истото, односно уште колку долго мислиш дека би можеле да опстојувате како авторски андерграунд бенд пред да паднете пред искушението времето да го трошите на попрофитабилен начин?

Сашко: Би опстојувале се додека има жар, желба и волја за работа и креирање. Организирањето на фестивалите финансиски не се исплати, за толку напор има далеку попрофитабилни работи, ама ете пуст мерак да се тргне кон нешто, да се придвижат работите… Само чист ентузијазам му е мајката!

BK: Судејќи според вашето лого, па и песната “1903”, колку е Decadence патриотски бенд?

Сашко: Ние сме она што сме, не дека сме хард кор националиситчни настроени ама сепак нашето потекло и минато се дел од нас, не знам колку може да се рече дека носиме некоја патриотска порака кога текстови нема , едноставно си ја сакаме татковината… а и баш добро му стои сонцето на логото.

BK: Кое е твоето глобално мислење за нашата андерграунд сцена, и дали има некаков прогрес?

Сашко: Прогрес ќе има оваа година, се надевам дека 2009-та ќе има неколку добри метал албуми, како во квалитетот на материлајот така и на продукцијата, некако последно време поспоро се движат работите (дали поради кризата за која сите го тупат) – ама сепак сум непоправлив вечен оптимист.

BK: Кој е вашиот начин на пишување на материјалот, дали за поголемиот дел од него се задолжени еден или двајца членови на бендот, или?

Сашко: Генерално секој си има некоја идеја која ја носи на маса, па од таму се продолжува понатаму. Мноштво мали делови на кои им даваме смисла и значење, дополнително има и взаемна инспирација а и финалниот производ секогаш е различен од она што сме го напишале дома. Не можам да кажам дека има некој кој е композиторот, кога нешто необработено го моделираш заедно со други. Во кратки црти: brainstorming & синергија.

BK: Можам слободно да кажам дека Decadence е извесен феномен, да се биде толку добро прифатен од публиката со еден навидум музички израз за ограничена група на луѓе – исклучиво инструменталниот метал, и како таков бенд да опстојува на врвот на домашната сцена веќе неколку години сметам дека е за голема пофалба, како и фактот дека досега немате сменато член во поставата на бендот. Кои фактори мислиш дека влијаеа и влијаат врз оваа завидна состојба на бендот (дали тука спаѓа опремата на секој член, однапред делумно дефиниран стил, одлични пријателски односи и доверба меѓу членовите…)?

Сашко: Искрено и мене не ми е јасно како се поврзаа вака работиве. Можеби дека сме понудиле нешто со кое што сме побудиле нешто повеќе, одговоров ми е во контекст на музиката која ја правиме, оставајќи простор самиот читател да си го пронајде својот одговор, а опремата навистина има влијание, тоа се рефлектира на солиден звук на свирка, а тоа пак директно влијае на перцепцијата за бендот.

BK: Саше фала на времето и разговорот, и за крај, што мислиш за домашната публика, што би и порачал и дали сметаш дека истата воопшто заслужува албуми и свирки?

Сашко: Од нашиот контакт со публиката сум задоволен, убаво е кога некој ќе ја препознае искреноста, од друга страна не ми се допаѓа поделеноста на мали затворени групи со слепонасочени хиперкардиоидни погледи, а би им порачал секој да го прави она што му е убаво, ако им се доаѓа на свирки нека доаѓаат, ако им се купува албуми нека купуваат. Сметам дека албумот првенствено се прави и издава за себе, да се остави некој печат, да се сублимира долгогодишен труд, а се додека ќе има луѓе кој ќе ја препознаат таа искреност, тогаш вреди!
Благодарам на згодните и незгодните прашања, (се надевам дека ги исполнив твоите очекувања),и среќно со сајтов.