Интервју со Марас

BK: Здраво Авет. Како ве служи Перун?
Авет: Здраво Пецо, како за почеток, ти благодарам што не покани први да ја имаме честа да дадеме интервју за Blitzkrieg. Фала му на Перуна, животот засега има добар тек. Што се однесува до Марас, последните два месеца стагнираме со проби затоа што имаме некои важни обврски по факултетиве и така… Сепак планираме во предстојниов период да се стегнеме малку повеќе и конечно да поработиме на концертно промовирање на нашето првороденче.
BK: Раскол е веќе скоро месец и кусур излезен, какви се реакциите?
Авет: Прилично задоволителни. Освен тоа што на интернет начекав пофалби и критики кои се позитивно усмерени, многу луѓе и лично ни честитаа за албумот и го пофалија. Исто така неколку души и го исплукаа, што е сосема нормално и еден плус за нас, затоа што во иднина ќе знаеме на што и како да работиме за да задоволиме што поголема маса на луѓе. Сепак, најбитно од се е тоа што албумот, барем јас така мислам, се најде во рацете на правите луѓе, оние што исклучиво ги почитувам и го ценам нивното мислење.
BK: Ок, ама ме интересираат и цифри… колку продадовте? Дали ја надминавте магично-патетична сума од 50 копии?
Авет: Не сум сигурен за конкретната цифра, но вкупно, Alatir promotions и Terror Blast production заедно сигурно имаат продадено повеќе од 50. Сепак, битно е да се каже дека голем дел од CD-ата отидоа по странски фанзини и дистрибутери кои покажаа интерес. Деновиве треба да добиеме и абер од локалните дистрибутери во Прилеп и Скопје, па ќе знаеме точно колку копии имаме распродадено само ние (Alatir).
BK: Зошто баш „Раскол“? Има некое значење или ете ти звучеше кул насловот?
Авет: Секако дека има значење, барем кај Maras не поминува ниту една работа туку така… Раскол затоа што тоа е еден вид декларација за откажување од христијанството за сметка на паганизмот. Барем тоа е суштинската идеја на насловот. Одбивање на сите угнетувачки монотеистички идеи и возвишување на основните човечки вредности.
BK: До кого требе да стигне декларацијата?
Авет: До што повеќе луѓе, но сепак, како што реков погоре, најмило и најважно ми е што албумот, како и неговата носечка идеја, го добиваат луѓе за кои сметам дека се на доволно силно и цврсто интелектуално ниво за да ја разберат неговата порака. А тоа е најбитно за да бидеш разберен.
BK: Каде го снимавте албумов? Колку време ви требаше се да биде комплетирано?
Авет: Искрено, снимањето се одолговлекуваше повеќе од очекуваното. Го снимавме низ разно-разни простории во Гевгелија и околината, а за се да биде комплетно ни беа потребни околу 5-6 месеци. Иако со снимањето, почнувајќи од Јули, завршивме во Септември, за да се појави финалниот микс беа потребни уште неколку месеци, но Смртоствор продолжи да „чепка“ по траките до неговото издавање.
BK: Значи ги напуштивте tr00 корените и излеговте од спалната на родителите?
Авет: Никогаш и не сме биле во спалните на родителите, но дефинитивно ги напуштивме tr00 корените и ја фативме работата малце посериозно.
BK: Знам дека снимањето изгледа интересно само кога се гледа на документарци кога 234342 саати се збиени во половина саат интересни моменти. Имаше со овој албум такви моменти?
Да, секако дека имаше, но штета што немавме камера при рака да ги документираме, хаха… На пример, додека се снимаа тапаните во село Горничет (близу Гевгелија), не тепаше тежок баксуз. Така, цел еден ден немаше струја, потоа друг ден се скрши пружина на дуплата педала, па мораше да се оди до Гевгелија и да се наоѓа замена, а со тоа се изгуби речиси половина ден, но најинтересно беше кога влезе змија (поскок, претпоставувам) во викендицата, па мораше да се вади цела опрема надвор (тапани, миксета, сталки, микрофони…) заедно со добар дел од намештајот за да се најде „ѕверот“. Исто така се случуваа многу глупости додека Влатко (продуцентот) ја снимаше бас гитарата. Имено, досадувајќи се во тотална тишина, затоа што човекот имаше ставено слушалки на уши, јас и Смртоствор си игравме модна ревија од позадина и се убивавме смеејќи…
BK: Последниов месец го вртам Раскол и приметив дека басот никаде го нема… кога ќе ги попуштам звучниците ми пцујат све по список. Има ли Марас басист и зошто го нема на албумов?
Авет: Добредојде во клубот на оние на кои што им фали бас во „Раскол“. :D Дефинитивно се сложувам со тебе, но сметам дека тоа се должи на недоволно посветеното внимание на бас гитарата. Дефинитивно немавме басист тој период. Бас гитарата ја отсвири човекот кој ни помогна околу продукцијата и миксот на „Раскол“, но земајќи го предвид тоа дека е отсвирена „гитаристички“, а не „басистички“, мислам дека доволно е објаснето на таа тема. Иако ние упорно сакавме да имаме „презентна“ продукција, излезе дека и во текот на миксањето направивме голема утка со целокупниот звук на басот. Но, за во иднина си знаеме…
BK: Значи отсуството нема никаква врска со тоа што басистот ви е антички македонец, а вие сте словени?
Авет: „Античкиот Македонец“ тогаш ни беше само за живи настапи. :)
BK: Чек, не го сметате за официјален член на Марас?
Авет: Да, го сметаме за официјален член на Марас, затоа што со неговото доаѓање во бендот, донесе и огромен придонес. Како што можеш на буклетот да прочиташ, напишан е во поставата на бендот, иако не учествуваше на снимањето. Во иднина се ќе си биде регуларно… секунда да мочам
BK: (Авет моча, чекам 10 минути) Се имате некогаш искарано поради спротивставените ставови или кога е бендот во прашање ги тргате тие работи под тепих?
Авет: Ништо не тргаме под тепих, напротив, сакаме да си расчистиме со ставовите, кои сепак не ни се толку спротивставени како што изгледа. Иако работата во бенд е сосема нешто друго, на другарска основа имаме многу пати дискутирано на таа тема и можам само да кажам дека, сега засега, идеолошки сме релативно компатибилни, хахаха… Сепак, убаво е да се соработува со луѓе кои не ти создаваат монотонија.
BK: На metal archives едно време пишуваше дека имате и додадено уште еден гитарист во бендот, ама последниот негов статус е "поранешен член“. За кого се работеше и што се случи со него?
Авет: Хммм… приметив дека е тргнат од поставата, па ги замолив да го вратат, затоа што сеуште немаме ништо официјално објавено. Очигледно го немаат направено тоа. Berzerker е сеуште официјален член на бендот, иако не е ништо чудно да се направи некоја промена во иднина за доброто на Марас.
BK: Значи покрај антички македонец имате и телемит во бендот?
Авет: Не сум сигурен за неговиот конкретен став. Не знам дали си приметил, но околу вратот носи “hammer of Thor”. Не знам колку е тоа телемитски симбол.
BK: Знаејќи го Берзеркер, најверојатно нема поим што носи на себе. Него, кога сме кај тој симбол и заблудите околу него, баш ме интересира, дали има заблуди околу марас? Дали сте биле обвинети за нацизам до сега?
Авет: Да, сме биле неколку пати обвинети, па дури и глорифицирани за нацизам, пред се заради тоа што коловратот е елементарен дел од нашето лого, уште од one-man почетоците. Нам, лично, нацизмот не ни одговара и сме големи противници на националистичките идеи. Иако не демантирам дека налик е своевидна свастика, Коловратот за нас претставува симбол на сонцето и животот, две многу драгоцени нешта кои секогаш не инспирираат да твориме.
BK: Забележав дека Раскол има прилично интересни текстови ко за метал албум. Ти ги пишуваш или и другите додаваат нешто?
Авет: Сите текстови на Maras до сега се мои. За идниот материјал повторно јас почнав да ги пишувам текстовите, иако не би ми сметало некој друг член на бендот да додаде нешто, па макар и да напише целосен текст, но под услов сите да бидеме согласни за неговото користење.
BK: Би можел со по една реченица по песна да раскажеш што се работи во песниве ако не те мрзи? Знам дека последната е нешто за палење оган…
Авет: Па, би ти го раскажал редоследот на целата концептуална замисла. Не знам колку си приметил, но до половина „Раскол“ е доста мрачен албум, што не е случај со последните 3-4 песни кои звучат малку попозитивно%. Имено, се работи за занемувањето и заборавањето на славјанското паганско наследство, па потоа за негова повторна преродба. „Чортова долина“ и „Низ ридовите на изгубената земја“ говорат токму за тоа. „Покрст“ е посветена на проклетите христијани кои се единствени виновници за уништувањето на сите тие културни споменици. „Во слава на Триглава“, како и „Син на Мудроста и волкот“ говорат за зачнувањето на нова надеж, за будење на прадревниот паганизам и, нормално, тенденција за истиснување на христијанството кое ги погазило тие вредности. На крај, „1040-та“ и „Нека гори огнот пагански“ се еден вид „химни“ кои ја воспеваат слободата на човечкиот дух и мисла и слободниот избор што секое човечко битие треба да го поседува со самиот момент на неговото раѓање. Иако на прв поглед наликуваат на воени химни, затоа што говорат за епски битки и победи, сепак главната замисла е дека во текот на животот ниедна победа човек не може да ја оствари без борба и силно верување во своите идеали.
BK: Инаку гледам дека како издавачи на албумов се ставени Terror Blast и Алатир. WTF e алатир и која е улогата на terror blast во целава работа со издаваштвово?
Авет: ALATIR promotions е еден вид „промотерска дружина“ која ја формиравме со цел да ја живнеме малку метал сцената во Македонија. Најголема инспирација ни беше Бригада. Но за разлика од нив, ние освен тоа што ќе организираме концерти во иднина, планираме да издаваме албуми, демоа, сплитови, EP-a на домашни и странски бендови. Како за почеток, затоа што нормално, ни фали искуство, решивме албумот да го издадеме во соработка со Terror Blast продукција, па така излезе целата работа… пола-пола.
BK: Кажи ми, имаш нешо земено пред интервјуво или пиено (не знам шо пиете вие паганите… медовина, крв, урина од кози?) Сериозно веруваш дека македонската сцена може да се живне?
Авет: :D Па, искрено, не верувам, но длабоко се надевам дека може да се направи нешто… Ако не, барем да ги прошириме контактите со странски издавачи, промотери и бендови. Гревота е тоа што имаме толку квалитетни и креативни бендови, а остануваат затворени во мочанава држава. Ние сме тука да помогнеме, во било која смисла.
BK: Бригада пропадна поради две причини, слаба посетеност и лош однос спрема потенцијалната публика (кој пак беше предизвикан баш од слабата посетеност). На некој начин Catch 22 ситуација… имате во ортанизацијата воопшто идеја како би излегле од магичниот круг?
Авет: Не. :) … Но ќе пробаме нешто да смислиме…
BK: (Искрен одговор богами) Планирате нешто во блиска иднина, ми спомнаа некаква промоција наскоро?
Авет: Да, планираме да се случи интересен концерт кон крајот на Март. Ќе ни гостува еден бугарски бенд, поддржан од два одлични домашни актови. Засега толку, накнадно ќе биде јавноста известена за кои бендови се работи.
BK: A турнеја со марас, излегување од земјава, такви работи не се во план?
Авет: Да, во план се, но се сомневам колку лесно ќе успееме во блиска иднина да направиме еден таков чекор. Се надеваме на летна балканска турнеја заедно со Aeon Arcanum, но сето тоа зависи од многу фактори. Искрено, лично не сум сретнал домашен метал бенд кој досега бил на турнеја надвор од земјава, па ако успееме заедно со нашите побратими да бидеме првите што ќе го „скршат мразот“, тоа би претставувало одлична промоција на македонската метал сцена во странство.
BK: Лани Formless Terror свиреа во србија и тоа е тоа, други не ми текнуваат во моментов. Кога сме кај домашната сцена, колку ја следиш? Постојат бендови кои ти фаќаат уво?
Авет: Да, особено во последно време се појавуваат супер-интелигентни и креативни бендови, што лично многу ме радува. Отсекогаш сум ја следел домашната метал сцена, почнувајќи со најраните изданија на Санаториум, па „античките“ демоа на Орион, потоа големото второ откровение кое го започнаа Siniac со издавањето на ебано генијалниот “Timeless Gatherings…”, а да не ги спомнувам Верка, Arhont, Mindfist, Aeon Arcanum, Mortality, Nihilist, Потоп, Victim Yield, Tremula и уште цела плејада генијални појави. Од новите бендови најмногу ми фатија уво Beyond The Horizon, Skullcrush и Untold, а исто така и новиот материјал на битолчаните Hall Of Sins многу ми се допадна. Секогаш сум сметал дека домашниот производ треба приоритетно да се цени, а потоа странскиот. Сепак, голем противник сум на идејата за едно „глобално underground поддржување“ на сите можни актови, затоа што не сите бендови носат иста идеологија и, искрено, мислам дека колку што имаме квалитети, толку имаме и ѓубре кое со години е непоправливо. Затоа не треба во се да се вложува подеднаква надеж и многу е важна селекцијата на вистинскиот квалитет.
Вака од по форумиве што те имам читано, кога се работи за бендови и свирки кои се организираат кај нас, имам чувство дека си најзадоволен (и не само ти) од летниот метал фестивал во Струга или грешам?
Да, факт е дека од севкупната организација на „Дојди веслај“ фестивалот сме презадоволни. Исто така, тоа е засега единствен метал фестивал во Македонија каде што бендовите имаат можност да свират пред многубројна публика, над 700 луѓе од вечер, што не е бројка за занемарување, земајќи предвид каква е ситуацијата со металот кај нас. Но, мислам дека редно време е овој фестивал да премине на ниво погоре, односно организацијата да почне да кани и странски бендови, затоа што и онака има доволно простор да се промовира домашната сцена.
Се сеќавам на првите работи од Марас, некое твое штракање на ефтин синтисајзер… дали тоа сеуште го сметаш за Марас или ќе лета од дискографијата?
Ништо нема да биде тргнато од дискографијата на Марас токму затоа што сметам дека сите тие древни демо снимки се добар показател за тоа како бендот еволуирал. Иако некои снимки денес, од оваа перспектива, ми звучат по малку смешно, сепак од ништо не се срамам затоа што напредокот е нормален сегмент, како од секој човечки живот, така и на било кој бенд во светот. Напротив, можно е да се случи дури и некои песни да се снимат одново со подобрена продукција и аранжман… но за тоа – колај работа.
BK: Отсекогаш сум сакал да го прашам ова. Wtf е името Смртоствор? Нешто од словенската митологија или кованица?
Авет: Обична кованица. Ме асоцира на смртоносен, зол сотвор, хахахаха… :)
BK: Се случило некогаш некој да не може да се задржи од смеење кога ќе му кажете дека тапанарот ви се вика Смртоствор?
Авет: До сега нешто такво се нема случено, иако и ние самите понекогаш сме се зафркавале на своја сметка. Сепак, откако ќе се запознаеш со Смртоствор, верувај, не сакаш да му се насмееш во фаца за псевдонимот!
BK: И за крај малку лично прашање за тебе. Разбрав дека си голем фан на Next Time, кажи ми што конкретно ти се допаѓа кај младите талентирани момчиња?
О, да, знаев дека вистината кога-тогаш ќе се обелодени. Па покрај тоа што сум нивни близок соработник, пријател и комшија, морам да кажам дека секогаш сум објективен во своите излагања кога се во прашање нашите надежни ѕвездички Next Time. Кај нив најмногу ми се допаѓаат секси Bon Jovi – style фризуричките кои, најверојатно, им се инспирација од Влатче, но сепак кога би можел да бирам, би сакал да бидам како Азис, или во најмала рака како Боки 13.

