Will we surviveeee... the Blitzkrieg!

28 Април, 2009 | постирано од Vortex | 1050 пати прочитано

Ова што го гледате пред вас е резултат на она што го работев изминативе месеци во слободно време. Идејата на сајтов е во основа да служи како информациски портал за метал жанрот, арно ама за да не биде клишеизирана копија на еден куп слични сајтови решив да му додадам некои нестандардни работи кои ќе зборам во некое од наредните изданија на блогов.

Сајтов моментално е во „длабока бета“ што значи одредени делови не се завршени а некои делови треба да се исполираат. Првата официјална верзија е планирана за почетокот на Јуни иако ќе се обидам тој датум да биде порано.

Инаку, блогов ќе служи за известувања околу сајтов (можеби некогаш ќе има некој мој осврт околу работите што не засегаат) но фокусот ќе биде тој. Затоа препорачувам често следење, бидејќи следи период на интензивен развој и буквално секои 2-3 дена би требало да има по нешто ново.

Би започнал со мал опис на секоја од опциите на сајтов затоа што приметив дека на многумина сеуште не им е јасно што всушност е Блицкриг.

Значи уште на почеток ќе кажам: Блицкриг е електронски магазин од отворен тип што значи дека секој што сака може да учествува во неговото креирање. Со тоа што на сајтот работаат луѓе неизбежен е и социјалниот дел кој ќе гледам да не се претвори во мкметал (или не дај боже фејсбук) и кој ќе пробам да го канализирам во нешто интересно, забавно но и корисно.

Да почнам по ред со опциите на сајтов.

Мојот Блицкриг

Ова е најбитниот дел за секој што е зачленет на Blitzkrieg.mk, преку овој екран имате преглед до повеќе работи како и опции со кои може да се учествува во контрибуирањето на сајтот, за почеток тоа се опциите за пишување на: статија, пресуда, интервју, рецензија и настан. Овој екран наскоро ќе добие фејслифт па ќе објаснам повеќе за него кога ќе се случи тоа.

Новости

Мислам дека не морам да објаснувам многу околу ова. Само би напишал еден совет до сите што ќе пуштаат новости истите да ги пишуваат со кирилична подршка на македонски литературен јазик (освен цитатите кои може да се пастираат на англиски)…

Интервју

Во основа секој може да испрати интервју, условот е интервјуто да биде оригинално, убаво структуирано и да не биде прекратко. Сега за сега имаме две (во припрема е и трето) и се надевам дека ќе ни се множат во иднина.

Бендови

Преглед на сите бендови во базата и разни статистики, оваа рубрика ќе претрпи доста измени месецов.

Албуми

Листа на албумите кои се излезени годинава и кои допрва треба да излезат.

Настани

Преглед на настани кои се случуваат (и кои се случиле) во нашата држава. Наскоро оваа рубрика ќе добие проширување и за нашите соседи како и комплетен редизајн.

Пресуда

Според мене најинтересната рубрика на сајтот. На тие што сеуште не им е јасна, Пресуда е краток (до 600 карактери) субјективен коментар за некој албум. Онака како што би искоментирале во муабет или на форум. Значи не се работи за рецензии и не треба да се третираат како рецензии.

Пресудите на Блицкриг се поделени на два дела. Имаме дежурна месечна пресуда каде што секој што учествува мора да „пресуди“ на даден број на албуми и имаме нередовни пресуди каде што може да напишете пресуда за било кој албум.

Статии

Статии во врска со поекстремните жанрови, нашата сцена, светската сцена… било што мислите дека ќе биде релевантно за читање.

Рецензии

Не треба објаснување… кога пишувате рецензија гледајте да е доволно долга, описна и да не предизвикува нарколепсија после 2 прочитани реченици. Исто така преведување на рецензии од други сајтови не доаѓа во обзир.

Оценување на албуми

Оценувањето на албумите е многу битен дел од сајтов бидејќи од сите нив ќе се генерираат листи и интересни статистики, затоа би било пожелно да оценувате секогаш кога можете. Нормално, екстремните вредности (кецови, двојки, деветки, десетки) ќе бидат изземени од пресметките ако се употребуваат прекумерно. Исто така, оценките имаат поголема тежина ако се придружени со пресуда или рецензија. Со прост пример ова значи дека ако некој стави 6-ка со напишана рецензија, а некој стави 7-ка без напишана рецензија, средната оценка нема да биде 6.5, туку некаде 6.2.

Коментари

Не ги планирав на почеток ама како што гледам сајтот е некако премногу тивок без нив, така што работам на нивно воведување во блиска иднина.

Следење на активност WTF?

За секоја активност на Блицкриг системот во позадина води сметка и поактивните членови ќе добиваат повеќе можности на сајтот. Целта не е да се дискриминира некој туку да се изделат луѓе кои понатаму би ја сочинувале редакцијата на сајтот.

Во кратки црти го кажав тоа што го имав за кажување во овој прв блог со кој официјално најавувам финализирање на бета фазата од сајтов во месецов кој следи. Посетувајте го сајтов почесто во наредниот период…

1 Comment

Avatar
Acron напиша:
04 Септември, 2009 05:07

генералнава замисла и идеја ти се прилично оргинални и ок, а како што можам да приметам и функционираат како што треба