Полемики за андерграундот
Парадоксалноста на едно (не) постоење
трет обид
Како само се нижат годиниве… Текстов ми стана некаква традиција…
Не замерувајте, понекогаш не знам како да го започнам текстов па еве и по трет пат којзнае колку време трошам на почетокот.
Позитивното во традиционалноста на насловот си има своја рационалност, најчесто заради различните аспекти на гореспоменатата појава. Ако во првиот текст(за оние кои знаат за што станува збор) централното тежиште беше поставено на немањето сцена, а вториот на нејзината изградба(каква-таква), овојпат работите ќе се третираат суштински.
Да се обидам многу кратко заради некаква хронологија да ги поставам работите кои се случуваа од претходниот текст па до денес. Она што го одбележа овој период е хиперпродуктивноста на сцената и како и секој циклус таа експанзивна продукција спласна наеднаш. Секогаш постоел период на заситување а верувам дека и понатаму ќе го има и тука нема што понатаму да се разложува. Одиме понатаму.
Делумно таа хиперпродукција на домашната сцена настанува заради интернетот и неговата достапност и делумно заради помодарство и фаќање некои текови. Исклучоците нека не се чувствуваат нападнати, напротив, нека мислат со ладна глава, никого од нив не напаѓам. Денес сме во позиција буквално да ги исклучиме социјалните контакти и благодарение на пар инструменти, компјутер и интернет, да располагаме со некаков си статус на андерграунд борци, што во секој случај (за мене) останува опасна опција. Зошто? Погледнете колку од фиктивните бендови имаат изданија, концерти или пак дури и проби. Дури од преголемата појава на бендови не сме во состојба ни на домашните да им ги запаметиме имињата. Новото чудо мајспејс си ги зема своите жртви полека, човековата алиенација е во подем, но сепак најболната точка е тоа што токму андерграундот како борец против тоа најмногу наседнува на овие нагазни мини.
Од причина што знам дека некој веќе почнува да се сере ќе морам постојано да го спуштам нивото и да објаснувам, ниту сум против интернетот ниту против мајспејс услугата итн итн итн, тука проблемот е есенцијален. Убаво е ако тие работи се користат како начин за информирање, лошо е кога на нив им се дава суштината и тие стануваат основна движечка сила. Доказ? Замислете еден тон бендови утре како се будат и немаат интернет и мајспес страница. Толку од нив, пу пу не важи.
Кога сме веќе тука морам да ја споменам смртта на МкМетал форумот и со тоа конечно ќе дојдам до заокружување на првата фаза од муабетов.
Со некои луѓе(многу добро знаат кои се, ќе се пронајдат во следново) во изминатиов период дискутирав некаде на фреквенцијата дека воопшто не е добро една цела сцена да се потпира само на еден сајт. Причина: непостоење плурализам(најблаго речено) и алтернативен медиум, како и немање вариетет од содржини. Создавајќи мит сам по себе мкметал собра буквално се и сешто што може да се нарече шљам и незнаење, тотална игноратност. Во таква една ситуација по правило глупоста е неуништива, особено неуништива кога самиот ти или јас не сме ја создале, трпат оние кои се најмалку заслужни за тоа. И токму тоа се случи. Инфантилите кои тепаа време усерувајќи нечие драгоцено време потрошено да се напише нешто асално, во тој процес, со тек на време си го ставија сајтот буквално во своја полза што на моменти ми доликуваше на некоја „плати па клати“ евровизиска шизофренија од проста причина што сајтот го користеа за комуникација со класот од школо на тема „ јас сум ова и ова и свирам у бенд ај кажи што мислиш за мене ама како и да е, пофали ме“. Уште да се појавеше Игор Џанкурлов па Пирамида да се напраеше.
Е сега, се сеќавам дека во двата претходни текстови упорно тврдев дека кај нас (можеби сме и единствени не знам) недостасува пишан збор, односно форум(како поле за дискусија) каде ќе се исклесаат идеи и ќе се реализираат проекти на чија основа ќе се гради оваа сцена. Претходните текстови беа пишувани за фанзинот „Вампир“ кој и покрај толку поминати години не успеа да стане форум на метал заедницата. И пак морам да објаснам затоа што и претходно Даре интервенираше благодарение на тоа што не сакаше да ме разбере. Значи, не се серам јас врз фанзинот туку врз оние кои го читаат а за толку години постоење и фреквенција на излегување(сам по себе е рекорд) не успеа да привлече луѓе кои ќе пишуваат и кои со самото тоа ќе го направат еден вид магазин, а не само информативно музичко издание.
Она што исто така во целиот период недостасува е непостоење на сајтови кои ќе се посветат токму на проблемите со кои се соочува андерграундот. (И пак ќе повторам андерграундот опфаќа повеќе од метал и хардкор, затоа ова разбирајте го пошироко).
Да не кокетирам, се надевам дека токму оваа веб страница може да започне една таква нова традиција.
Да се вратам, без дискутирање на проблемите (а во нашиов случај без постоење на соодветен простор за дискусија) тие нема шанса ни да се идентификуваат а камо ли да се постават и решат.
Да наброиме некои од проблемите со кои се соочува нашата андерграунд сцена.
Кај нас не постои промотерска андерграунд куќа(макар и мала, независна), кај нас не постојат мноштво сигурни и фер клубови каде можат да се организираат рентабилни свирки(кои ќе донесат позитивен биланс на сите страни а не само на газдата), кај нас не постојат активни групи или организатори на концерти(бригада колку што знам запре со работа а за останатите не сум баш сигурен дека се многу активни), кај нас не постојат доволно мали издавачки куќи(за големи ниту помислувам), кај нас не постојат дистрибутери на музика(замислете кога во земјава би имало десетина дистрибутери кои би можеле да продадат по 10-20 изданија од некој бенд во својот град, какво олеснување би било тоа), списанија, фанзини итн., кај нас освен еден актуелен фанзин не знам за друг, итн итн итн. Значи се соочуваме со објективни потешкотии а никој, ама баш никој дури не се чувствува ни загрижен да дискутира за овие работи. А всушност и да сака нема каде, факт!
Респект кон сите оние кои придонесоа за толкав број концерти во последниве години но и тоа е проблем. Поради негативни финансиски резултати престануваат да работат. Но не, не е само тоа проблем. Проблемот се проширува со тоа што не може еден човек да прави буквално се, не може да организира концерти, да брка опрема, да прави промотивен материјал, да свири во бенд и уште еден тон работи. Тоа е докажано, многу луѓе поради толкав товар се откажуваат, едноставно или не можат да поднесат или пак се чувствуваат повредени од фактот што некој работи а некој буквално ништо не сака да превземе. А со тоа се враќаме до претходниот проблем. Ние можеме да се убиеме од работа меѓутоа ако немаме простор за дискусија, организирање и координирање тогаш ништо не сме решиле. Со тоа може само да ги крпиме работите.
Попатно еве и уште еден проблем за размислување. Во изминативе години на хиперпродукција на бендови и концерти не се најде за сходно организаторите на концертите да комуницираат меѓу себе се со цел да се направат порамномерни паузи од еден концерт до друг. Значи се соочувавме и со по 2-3 свирки неделно а некогаш и по цел месец нема ништо. Тоа личи на се ама на сериозна сцена никако.
Исто така знам дека добар дел од повозрасната андерграунд популација(условно речено) понекогаш знае да фаќа забелешки на сите оние помлади кои се појавуваат па бргу исчезнуваат. Но, да бидеме и самокритични барем малку, што тоа ние сме им понудиле како андерграунд за тие да останат заинтересирани па макар и да се активираат?
Како тогаш да го дефинираме андерграундот како субкултура или контракултура кога тој со својата срж овде кај нас ги содржи сите елементи на мејнстримот, актуелните политички случувања и државни политики?
Мејнстрим елементите можеме да ги забележиме кај бендовите кои прифаќаат секакви компромиси само за да бидат слушнати, се натпреваруваат по фестивали во обид да се пробијат(колку е само смешно ова) и прават видео спотови кои буквално не се насочени кон пренесување на некаква порака туку само како естетски бљувотини кои буквално не се разликуваат од мејнстрим бендовите против кои овие толку многу плукаат.
Најгасната работа која му се случи на андерграундот е токму политиката и национализмот. Она што го прават политичките партии, невладините организации и слични на нив политички субјекти е содржано во андерграундот. Имаме подем на национализмот кај најголемиот број на бендови а потоа и кај останатиот дел на нивната публика. Се појавуваат националистички текстови(дури и нацистички) потоа на свирки се појавуваат национални знамиња итн итн. Значи како еден обичен млад човек ќе го разликува андерграундот од останатите политчко-нацистички бљувотини? Како?
Сето она што може да се види на вести се гледа низ андерграунд популацијата, тотална рефлексија на една централистичко – националистичка државна политика. Се прашувам кога ќе дојде денот кога партиските кампањи ќе станат дел од андерграундот кај нас?
Доаѓа време кога треба да се разграничат одредени поими, сегменти кои треба да се идентификуваат, идентитети кои треба да се отфрлат и знамиња кои треба да изгорат во минатото…
Дотогаш underground of the undergruond, а потоа ќе видиме што понатаму.
Се читаме повторно наскоро!
П.с: Во меѓувреме излезе еден одличен албум па си земам за слобода да ви оставам една строфа како сеќавање и потсетник. Името на бендот ќе остане „тајна“.
„Let the conflict begin
Bitternes from within
Drives the hears of all nations
Brings down elders and kings
Let the conflict begin
Bitternes from within
I am praying to see
A worldwide escalation“

