Репортажа: Furion @ Wacken Open Air 2009
По напорниот и долг пат од Скопје до прекрасниот Wacken (мало местенце близу Хамбург) и поминати 2000 и кусур километри најпосле пристигнавме на фестивалот. Комплексот е огромен, добро организиран – ипак луѓето си го тераат фестивалов веќе 20 години.
Штета што луѓето од обезбедувањето не знаат англиски, па така малце потешко беше да се снајдеме низ уличките на комплексот но по некое време се сместивме во ВИП кампот во кој имаше уште некој од бендовите што победиле на Metal Battle, и многу новинари.
ВИП кампот, културно, фино местенце, за разлика од обичниот камп во кој имаше, верувале или не, 100.000 луѓе. Минус за 2те вециња на тие 2000 души во кампот, па така имаше долги редици луѓе коишто сакаа да одделат малце време за да седнат на тронот. :)

Random Borat
Се сместивме фино, прошетавме малце, упознавме некои интересни фаци, до нас седеше еден германец од Хамбург, водител на радио емисија, потоа тука е Crazy Swiss Guy, типот од Швајцарија, кој заради Калин, беше популарен во цел камп. :) Тука беа и хрватите, дојдени на добра забава и добра музика, дечките од Исланд – победниците од тамошниот Metal Battle и многу други. Се на се, сите беа добро расположени за зезање и журка.
Ракијата на Калин (Ќоќорката) добро ја прифатија жителите на кампот. Повеќето од нив веднаш заспаа но тоа е друг муабет. Првата вечер беше ептен луда, многу луѓе беа собрани кај нашите шатори, се направија сите камења, пиење 1.200.000 имаше. Сите си легнаа и дојде 30 јули.
Комплексот беше добро организиран, ипак имаше 2000 луѓе во организацијата вклучени и тоа од готвачи, обезбедување до стејџ менаџери гитарски техничари, домаќини (host-ови), човек заслужен за merchandise итн. Огромното место дозволуваше дури 4 стејџа, Black Stage и True Metal Stage беа најголемите потоа Party Stage па затворениот Wet Stage. Новина на фестивалот беше Medieval Market & Action Area, каде можете да се прошетате низ тезгите на коишто се продаваа разни предмети почнувајќи од рогови, нараквици, кожи до мечеви, опрема за витези, за воини, воени секири потоа разновиден накит, уметнички дела па имаше дури и ковачи на железо, вајари и што уште не. Во истиот дел од комплексот се наоѓаше и Bullhead-City Wrestling во којшто се одржуваа натпревари во борење помеѓу жени, коишто за жал ги пропуштивме сите. Имаше и мал стејџ на
којшто свиреа фолк метал бендови. Се на се, рај за викинзи. :)
Цел дел одвоен само за јадења, имаше скоро секаква храна, италијанска, германска, мексиканска, кинеска итн. Во еден друг дел наречен Metal Market, би можеле да си купите маица или ЦД од омилениот бенд, да се напиете пиво или сок и да уживате на некоја од многуте маси поставени таму.
Новина во комлексот исто беше Jagermeister Hunting Stand-от, тоа е кран на којшто е закачен Jagermeister шанк на кој можат да се качат некои 15 луѓе, и потоа кранот се крева на 50 метри, и тука убавите барменки те служат со јегер и ред бул. Одлична глетка кон целиот комплекс.

Малку за нашиот настап, па ќе преминам на бендовите што ги гледав/ме:
Организацијата како што реков, максимално професионална. Кога дојдовме на фестивалот и кога се пријавивме, веднаш ни дадоа листа на која пишуваше во колку саат свириме, во кое време можеме да идеме во dressing room-от и во кое време можеме да ги оставиме инструментите. Имаше и shuttle service којшто не однесе право до бината со комбе. Ние свиревме на Wet стејџот на којшто свиреше и бенд како Whiplash. Во бекстејџот не сретна слатката стејџ менаџерка, која не запозна со гитарските техничари. Најпрофесионално си ја завршија својата работа. Звукот на сцена беше бонбона а според нашите извори напред пред сцена бил фантастичен.



Нашиот настап траеше 25 мин, отсвиревме 5 песни и си поминавме прекрасно. Добивме добри реакции од публиката и тоа многу ме израдува. Едноставно, сите си поминаа убаво. Стејџот собираше околу 2000 луѓе и мислам дека беше полн до половина. Да имавме повеќе среќа и да не свиреше поголем бенд во исто време на некој од поголемите стејџови, можеби ќе се наполнеше цел, којзнае. :)) Битно, се помина во најдобар ред и ние како бенд сме презадоволни од професионалноста на цела организација и задоволни сме како си поминаа луѓето на стејџот, ипак нели, публиката е најбитна. :)
Инаку, сите бендови победници на Metal Battle што свиреа на Wacken, се натпреваруваа за награда. Главната награда беше договор за снимање албум со Wacken Records. Шпанците Crysis (свиреа олд-скул треш) беа среќниците кои што ќе снимаат албум но однесоа дома и плус награди како Mapex бубањ, Marshall појачало итн. На другите учесници на ова натпреварување Wacken во соработка со неговите спонзори им подели добоши, каиши за гитара итн. Честитки за шпанците. :)
Откако отсвиревме, бевме поопуштени па така, можевме да ги слушаме и поголемите бендови на раат. :) Бендови што ги глеавме и што може да се одвојат се Motorhead, Whiplash, Walls of Jericho, Dragonforce, Cathedral, Machine Head, Amon Amarth, и секако Testament.
Мotorhead направија партали, си отсвиреа најдобро што можат и секако не ги изоставија нивните главни хитови како Ace of Spades и последната песна за вечерта, Overkill.


Fuel Girls, им играа на Motorhead на сцена. :)
Whiplash отсвиреа супер, беа на Wet стејџот, луѓето се журкаа, мошови и сркл питови колку ти душа сака, кланица беше доле. 5ка за настапот.

Со Tony Portaro.
На Walls of Jericho не бев, но беа другите и ми пренесоа дека доле пред сцена било кланица.
Dragonforce ко Dragonforce, ми беа интересни првите 15 минути потоа отидовме на јегермајстер шанкот. :))
Cathedral беа фин бенд, фино отсвиреа.
Machine Head, направија растур, свиреа Halo, Aestethics of Hate итн. луѓе збеснуваа, незаборавно.
Аmon Amarth немаа утка, сценски настап најзакон, викинзи се тепаат на сцена у позадина иде музика опака, одлична журка.
Testament, според мене најдобриот настап на фестивалот, направија ’ршум. Што се не свиреа. Штета што повеќето од големиве бендови што ги набројав, имаа само саат време за свирење, па така некои од песните што најчесто ги свират беа изоставени. Иначе еве отприлика што свиреа Testament:
1. The Preacher
2. The New Order
3. Over the Wall
4. Practice What You Preach
5. More than Meets the Eye
6. The Persecuted Won’t Forget
7. Burnt Offerings
8. Into the Pit (најголем сркл пит и мош у којшто сум учествувал)
9. Disciples of the Watch
10. Three Days in Darkness
11. The Formation of Damnation

Ни беше криво што не гледавме и други бендови како Napalm Death, In Flames, Korpiklaani, Suidakra, Nevermore итн. ама едноставно не можеш да постигнеш се да видиш, ипак сите бевме горе-долу уморни
од патот и од пиење. :) Сепак презадоволни сме од тоа што видовме.
Така, среќни, уморни, повеќето пијани, тргнавме на пат назад, 2200 километри надолу накај Балканот. Поздрав до шоферот Владо, којшто успеа да го помине целиот пат за 26 часа и тоа само со 2 саати спиење. Секоја чест. :)
Едноставно, прекрасно искуство за млад бенд, дефинитивно се исплати се што сторивме да стигнеме до таму, ова го кажувам затоа што ништо не ни беше платено, се беше на наш трошок.
Го посакувам истово да му се случи на секој бенд од Македонија и од Балканот (иако мислиме дека само ние сме у говна не е така, низ цел Балкан андерграунд сцената е иста.) и ако му се укаже на некој бенд ваква шанса, да ја зграби и да трча и прави се што може за да стигне до таму, бидејќи ќе ви се исплати на крај тоа, со најубав помин и лудница забава. :)
Благодарам на Блицкриг за поддршката и благодарам на сите што не поддржаа да стасаме до таму каде што бевме!
Поздрав, Милан Тасевски – Furion – www.myspace.com/furionmkd

